Откријте зошто вашите изданија треба да содржат CIP, ISBN, ISSN, ISMN, и други информации
Што е задолжителен примерок на публикации?
Доставувањето македонски задолжителен примерок заради заштита, чување и давање на користење, е работа од јавен интерес, регулирана со Закон за задолжителен примерок (“Службен весник на Република Македонија” бр. 11/94, 92/08). Задолжителниот примерок се заштитува, чува и користи според прописите за посебна заштита на предмети од посебно културно и историско значење.
За задолжителен примерок се сметаат публикации печатени или умножени во Република Македонија, односно публикации од македонски издавачи печатени или умножени во странство. Задолжителниот примерок ги опфаќа следните видови публикации:
- книги,
- брошури
- периодични публикации
- патенти, стандарди
- каталози, телефонски именици, календари
- плакати, летоци, програми, проспекти
- обрасци, поштенски марки, таксени марки
- ЦД, ДВД и друга електронска граѓа
- нотни записи
- репродукции на ликовни дела и цртежи
- картографски материјали
- разгледници, фотографии, дијапозитиви
- носачи на звук (ЦД, ДВД, аудио касети, грамофонски плочи, магнетни и други ленти)
- мултимедијална граѓа
- други слични дела што се умножуваат на друг начин и се наменети за јавност.
Публикација во смисла на овој закон е и носач на слика и тон (тонска копија на филмска лента, видео лента и друго) што се умножува и е наменет за јавност . За задолжителен примерок се сметаат и магистерски тези, докторски дисертации и државни пари (банкноти и монети).
Мисија на задолжителниот примерок
Македонскиот задолжителен примерок, забележената информација, како трансмисија и колективна меморија за духовните вредности на Македонија и Македонците, е огледало, одраз и печат на македонската национална култура. ЗП истовремено е составен дел во мозаикот на светската заедница на култури и цивилизации. Оттаму, тој претставува влог што се остава како наследство на идните генерации, претпоставка од витално значење за зачувување и афирмација на нашата национална и културна посебност и дострели.
Цели на задолжителниот примерок
- трајна заштита и зачувување на националното книжно или поинаку публикувано наследство
- негова стручна обработка, презентација и користење,
- меѓународна промоција и афирмација на националното книжно или поинаку публикувано богатство, преку вклучување во класични и мрежно достапни системи на информации,
- подготовка на секундарни информациски извори и нивно користење,
- остварување на библиотечната функција на јавен информациски и референтен сервис,
- обезбедување универзален достап до публикации, како резултат на претходните перформанси
Кој доставува задолжителен примерок?
Задолжителниот примерок го доставува печатарот на задолжителниот примерок. Во случај кога во печатењето, односно умножувањето на публикацијата учествуваат повеќе печатари, задолжителниот примерок го доставува последниот печатар. Во случај кога публикацијата се печати, умножува, односно довршува во странство, задолжителниот примерок го доставува издавачот од Република Македонија, пред да започне дистрибуцијата на публикацијата.
Магистерските тези и докторските дисертации ги доставуваат универзитетите во Република Македонија. Примероците на државните пари (банкноти и монети) ги доставува Народната банка на РМ.
Кога се доставува?
Задолжителниот примерок се доставува веднаш по завршувањето на печатењето, односно умножувањето на публикацијата, а пред дистрибуирањето. За публикациите издадени во странство доставувањето се врши непосредно по увоз, а пред пуштање во промет. Задолжителниот примерок се доставува во идентична состојба во која публикацијата ќе биде дистрибуирана.
Колку примероци се доставуваат?
Печатачот, односно издавачот е должен да достави:
- 5 примероци, за секој јазик/писмо на исто издание
- 5 примероци, за секое повторено печатење/умножување
- 1 примерок на магистерски и докторски трудови
- 1 примерок на носач на слика и тон
- На секој доставен задолжителен примерок треба да бидат отпечатени, односно втиснати зборовите: “задолжителен примерок” .
Каде се доставува задолжителниот примерок?
Печатените и на друг начин умножени публикации се доставуваат до Националната и универзитетска библитека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, како централна депозитна библиотека. Од доставените примероци:
- 1 примерок се депонира, заштитува, обработува и чува како архивска граѓа
- 2 примероци се депонираат, заштитуваат, обработуваат, чуваат и даваат на користење
Преостанатите 2 примероци, по еден примерок, се испраќаат во депозитните библиотеки НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола и НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ од Штип, каде се депонираат, заштитуваат, обработуваат и чуваат како архивска граѓа, и не се достапни за користење.
Задолжителниот примерок од магистерските, односно докторските трудови се доставува до Националната и универзитетска библиотека “Климент Охридски”, веднаш по нивната одбрана.
Задолжителниот примерок од носачите на слика и тон (тонска копија на филмска лента, видео лента и друго) се доставува до НУ Кинотека на Македонија. Новите изданија на државните пари како задолжителен примерок се доставуваат во 3 примерока до НУ Музеј на Македонија.
Увид во продукцијата
Секој печатар е должен да доставува извештај на Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” -Скопје, односно на НУ Кинотека на Република Македонија за сите печатени, односно умножени публикации, секои 3 (три) месеци.
Секој издавач со седиште во Република Македонија е должен да доставува извештај на Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” -Скопје, односно на НУ Кинотека на Република Македонија, за сите печатени, односно умножени публикации во странство, секои 3 (три) месеци.
Контакт:
тел: 3115-177, л. 125
Што е CIP?
CIP (Cataloguing in publication) е акроним за катaлошки опис во публикација. Тој е меѓународно препознатлив, стандардизиран библиографски опис изработен за публикацијата пред нејзиното издавање. Изработката на CIP-записот е заемна обврска на издавачите во РМ и на Националната библиотека (Закон за издавачката дејност, „Службен весник на РМ“ бр. 199/14 и бр. 152/15). Согласно со законот, НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје има ексклузивно право во изработувањето на CIP-записите.
CIP-от обезбедува
содржинско и формално претставување на македонската книга на корисници што не го познаваат македонскиот јазик – афирмација на националната издавачка продукција,
универзален достап до информациите, едновремен со нивното публикување,
забрзување на протокот на информациите преку скратувањето на времето на нивното создавање,
стандардизација на библиографскиот опис,
реализација на библиографската контрола,
помош на библиотеките без соодветен кадар во стручната обработка на публикациите и одржувањето каталози.
Публикации за кои се изработува CIP
книги
зборници
нотни записи
носачи на звук (ЦД, ДВД, аудио-касети, магнетофонски, магнетни и други ленти и сл.)
мултимедијална граѓа (ЦД, ДВД и др.)
атласи, географски карти, просторни планови
Публикации за кои не се изработува CIP
периодични публикации
рото-романи, сликовници без текст
текстови за интерна употреба и текстови во подготовка (тези, преднацрти, нацрти, предлози)
ефемериди (адресари, именици, извештаи)
рекламни публикации, проспекти
уметнички и други програми
ценовници, тарифи
упатства за ракување и одржување
плакати, летоци, покани
патенти, стандарди
ѕидни и сл. календари
Изготвување на CIP-запис
За да се изготви CIP-запис за публикација издавачот е должен да достави пополнето барање за издавање CIP-запис и конечна верзија на материјалот за CIP-запис (во електронска или печатена форма).
За изготвување на CIP–запис за монографски публикации, издавачот е обврзан да плати надомест во висина од 600,00 ден. согласно со Ценовникот за користење услуги во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
За CIP-записи со класификација според УДК за статии и прилози во сериски публикации, согласно со Ценовникот, се наплаќа следниот надомест: до десет статии 400,00 ден., над десет статии 600,00 ден. За CIP-записи со класификација според УДК за статии и прилози во монографски публикации не се наплаќа бидејќи претходно е платен CIP-запис за самата монографска публикација.
Надоместот се плаќа пред изготвувањето на CIP-записот, директно во службата за книговодство на Библиотеката или со образец ПП 50, на трезорската сметка на НУБ „Св. Климент Охридски“, кој треба да се достави како доказ за направената уплата. CIP-записот може да се плати и на фактура.
Уплатница за CIP
CIP-записот се изготвува во рок од 7 дена од денот на поднесувањето на барањето.
CIP-записот се објавува во интегрален облик или како идентификациски број под кој се води во електронската база на податоци на Националната библиотека, и тоа графички воочливо и одвоено од останатите податоци на публикацијата.
Потребните документи за изработка на CIP–запис треба да се испратат на следниве електронски адреси:
cipnub@nubsk.edu.mk (за монографски публикации)
bibliografii@nubsk.edu.mk (за CIP-записи со класификација според УДК за статии и прилози во сериски публикации)
Издавачите кои сакаат статиите во зборниците аналитички да бидат обработени, потребните документи, покрај на cipnub@nubsk.edu.mk, треба да ги достават и на bibliografii@nubsk.edu.mk
Доколку имате потреба од дополнителни информации, можете да се обратите на следниве телефони:
02/3115-177, локал 118 или 02/3133-418 (за CIP-запис за монографски публикации, лице за контакт: Габриела Крстевска)
02/3115-177, локал 151 и 078/ 378387 (за CIP-записи со класификација според УДК за статии и прилози во сериски публикации, лице за контакт: Софче Марковиќ)
Што е ISBN
ISBN систем (International Standard Book Number) е Меѓународен систем за идентификација на секоја пооделна книга (монографска публикација) со помош на бројки.
ISBN е единствен и незаменлив број кој се однесува само за еден наслов, односно за неизменето издание на еден ист наслов од ист издавач.
ISBN се доделува на публикациите под контрола на Меѓународната Агенција за ISBN во Лондон.
Какви податоци содржи ISBN
ISBN е составен од префиксот “ISBN” и број од тринаесет цифри, распоредени во пет целини/групи, кои се меѓусебно разделени со цртичка или проред, според следниот редослед:
- Првата група на цифри претставува префиксниот елемент 978 кој се добива според EAN International;
- Втората група на цифри ја означуваат националната, географската или јазичната целина;
- Третата група на цифри се однесува на издавачот во рамките на првата целина;
- Четвртата група на цифри е идентификационен број на конкретниот наслов на публикацијата што ја издава еден одреден издавач;
- Петата група е еднозначен контролен број.
Пример: Книгата “Linear and Nonlinear Models” што е објавена од Walter de Gruyter во Берлин ја има следнава ознака:
ISBN 978-3-11-016216-5
978 – префикс на ISBN
3 – меѓународен број за германско јазично подрачје
11 – ознака за издавачот (издавачки код/идентофикатор)
016216 – ознака за насловот
5 – контролен број
Означувањето на секоја книга си ISBN, која се вклучува во Меѓународната автоматизирана база, овозможува да се утврди:
- државата или јазичната целина во рамките на која е објавена книгата
- назив на издавачот на публикацијата
- насловот на публикацијата, свеската и изданието
Должината на ISBN ознаката за издавачот (издавачки код/идентофикатор) се пределува според обемот на неговата издавачка продукција: издавачи со поголема продукција добиваат покуса издавачка ознака/код, а оние со помала издавачка продукција добиваат подолга издавачка ознака/код.
Кој доделува ISBN во Република Македонија
Агенцијата за ISBN на Република Македонија, која доделува во рамките на Националната и униварзитетска библиотека „Св. Климент Охродски“ во Скопје, ги доделува ISBN ознаките за издавачите во нашата земја.
Кои публикации добиваат ISBN
ISBN по правило добиваат:
- печатени книги и брошури
- публикации на Brailleово писмо
- публикации кои од страна на издавачот не се одредени редовно да се ажурираат или бескрајно продолжуваат
- атласи и карти
- образовни/инструктивни филмови, видеа и објави
- аудио книги на касети, CD, DVD
- електронски публикации во цврста форма (машински читливи ленти, CD-ROM) или на Интернет
- микроформни публикации
- едукативно-инструктивни софтвери
- мултимедијални публикации (основа е текст)
ISBN по правило не добиваат:
- весници и списанија
- музикалии
- сепарати од списанија
- графички листови и графички мапи без насловна страница и текст
- рекламни материјали (каталози за продажба, каталози на книги и уметнички каталози без библиографска вредност, производни програми, ценовници, проспекти, упатства за употреба, технички упатства, покани)
- плакати, ѕидни весници и летоци
- театарски, концертни и други програми за приредби
- каталози за изложби без подолг текст
- наставни програми и школски планови за работа и планови на други образовни институции, извештаи и други школски материјали во облик на ракопис или печатени
- разни видови џепни календари, роковници
- обрасци, формулари, уписни листови
- музички касети и плочи и сл.
Неколку упатства за доделување на ISBN
ISBN се доделува на првото издание на секоја книга и на секое наредно издание на истата книга, ако има измени во текстот, повезот или форматот.
Нов ISBN број не се доделува на ново неизменето издание, односно препечатено со ист формат од истиот издавач.
ISBN ознаката доделена еднаш на еден наслов не смее да се користи за друг наслов.
ISBN може да имаат и публикации во повеќе свески при што целината (серијата) ќе има една ISBN ознака, а секоја поединечна свеска уште една, сопствена ISBN ознака, во рамките на целината (серијата). Во тој случај на секоја свеска се наведуваат и двата броја.
Комплетите составени од два или повеќе дела на различни или исти медиуми добиваат како целина еден заеднички ISBN и секој поединечен дел свој ISBN.
Ако публикацијата има два или повеќе издавачи, секој од нив го наведува својот ISBN, односно таквата публикација има две или повеќе ISBN ознаки.
Во публикацијата која е превод се наведува ISBN на преводот и ISBN на изворното издание.
Каде се печати ISBN
Издавачот ISBN мора да го отпечати на видно место:
- пред или после CIP записот
- на последната корица од надворешната страна во долниот десен агол (со или без BAR CODE)
Пред бројот задолжително стои меѓународната кратенка ISBN.
Предности на ISBN
На издавачите им препорачуваме да се вклучат во општиот Меѓународен систем за означување на публикации заради: поедноставна и подобра идентификација на своите публикации, подобра евиденција на издавачката дејност, а пред се за меѓународната размена на податоци.
Со доделувањето на ISBN сте застапени во Меѓународниот именик на издавачи кои користат ISBN (Publishers International ISBN Directory) што го издава Меѓународната Агенција за ISBN во Лондон и сте обврзани ISBN да го употребувате во согласност со меѓународните препораки.
Освен издавачите, ISBN го користат и библиотеките, книжарниците и поединците при: увоз/извоз, обработка на нарачки, евиденција на преднарачки, фактурирање, складирање и инвентарирање, меѓубиблиотечното позајмување.
Лице за контакт:
Оља Стојкова
тел: (02) 3115-177, лок. 137
e-mail: olja@nubsk.edu.mk
Штo e ISSN?
ISSN (International Standard Serial Number)-Меѓународен стандарден број за сериски и тековни публикации кој овозможува идентификација и контрола на сите извори во континуитет издадени на национално и интернационално ниво.
Што е сериска/периодична публикација?
Публикација на било кој медиум, издадена непрекинато во делови, кои имаат бројчани или хронолошки ознаки, со цел да бидат објавувани неопределено, во континуитет.
Кога се доделува ISSN?
- на нов наслов (кога првпат се регистрира сериската публикација)
- на променет наслов
Што условува промена на ISSN?
Основа на ISSN системот е „делување во пар“ или единство на двата елемента клучен наслов и ISSN . Промената на првиот е услов за промена на вториот елемент.
Кога ISSN не се менува?
- ако има промена на називот на издавачот
- ако е сменето местото на издавање
- ако има промена на фреквенцијата на издавање
- ако има промена на издавачката политика
ISSN на различни медиуми
Изданијата на еден ист наслов без разлика дали се печатени или се достапни на друг вид медиуми (CD-ROM, онлајн, магнетни медиуми, микроформи…) добиваат сопствен ISSN
Пример:
Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering (print) ISSN 1857-5552
Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering (on-line) ISSN 1857- 5625 www.mjcce.org.mk
Каде се означува ISSN?
1. За печатени изданија:
- на надворешната страна на корицата, првенствено во горниот десен агол, секогаш придружен со ознака ISSN
- во било кој дел од страничните рабови на корицата
- на страницата каде е податокот за copyright, или покрај податоците за издавачот,периодичноста..(импресумот)
2. За електронски изданија :
- на внатрешниот извор, каде што е заштитниот наслов, на хомпејџот
- на надворешните извори, каде што се натписите (омотите) на CD-ROM и касетите
Што е ISSN Регистер?
Секој доделен ISSN на сериска публикација се регистрира во Меѓународната база на податоци: ISSN Register.
Базата претставува најкомпететнтен и широко достапен извор на информации за идентификација на сериските публикации од цел свет
Која е структурата на ISSN записот?
1. Носечки елементи (ISSN, клучен наслов, скратен наслов)
2. Дополнителни елементи (периодичност, јазик, други форми на наслов, место на издавање, УДК, издавач..)
3. Линкови за поврзување (претходен/и наслови, изданија на други јазици, изданија на други медиуми)
На кој начин е достапна базата?
ISSN Register базата се ажурира и објавува од страна на Меѓународниот ISSN Центар од Париз и е достапна на два медиуми:
- WEB (ISSN Online)
- CD-ROM
Што е ISSN мрежа?
ISSN мрежата ја сочинуваат nационалните центри од целиот свет и Меѓународниот ISSN центар во Париз кој ја координира работата на националните центри.
Што е функцијата на Националниот ISSN центар?
- Формира своја локална база на податоци за сериски публикации од својата земја
- Преку задолжителниот примерок ги открива и контролира сите наслови на сериски публикации во својата земја
- Доделува ISSN и врши обработка и контрола на сериски публикации
- Доставува информации за нив до меѓународниот ISSN Центар и другите национални центри на нивно барање
- Контактира со издавачите на локално ниво со цел унапредување и развоја на ISSN системот
- Одговорен е за успешно и континуирано делување на ISSN системот за својата земја во рамките на ISSN мрежата
Што е функцијата на Меѓународниот ISSN центар?
- Одговорен е да ја координира работата на националните ISSN центри
- Ја одржува ISSN Register базата на податоци и се грижи за издавачките продукти
- Доделува ISSN за сериски публикации од меѓународен карактер
Лице за контакт:
Оља Стојкова
тел: (02) 3115-177, лок. 137
e-mail: olja@nubsk.edu.mk
Што е ISMN
ISMN (International Standard Music Number) е меѓународен стандарден број за музика кој се користи за идентификација на печатени музикалии (партитури, штимови или елементи во мулти-медијален комплет).
Кој доделува ISМN во Република Македонија
Агенцијата за ISМN на Република Македонија во рамките на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски’’во Скопје.
Кои публикации добиваат ISМN
ISMN се доделува на:
- печатени партитури
- џебни (студиски) партитури
- вокални партитури
- сет на штимови
- штимови достапни засебно
- поп фолиа
- антологии
- збирки на композиции
- песнарки (поп, џез, рок, народна музика и др…)
- други медиуми кои се интегрален дел од публикацијата на печатени музикалии (пр.звучен запис кој е еден од „штимовите’’ на композицијата)
- текстови на песни или стихови објавени заедно со печатените музикалии
- коментари објавени заедно со печатените музикалии (достапни исто така одвоено)
- микро-форми на музички публикации
- музички публикации со брајово писмо
- електронски публикации
ISМN не се доделува на:
- книги за музика – освен оние што содржат нотни примери
- звучни или видео записи (вклучувајќи записи достапни на компјутерски медиум)
- сериски публикации
Упатства за доделување на ISМN
ISМN се доделува на првото издание на секои печатени музикалии, на секое наредно издание на истата публикација, доколку има измени. Нов ISМN број не се доделува на ново неизменето издание, односно препечатено во ист формат од истиот издавач.
ISМN доделен еднаш на еден наслов не смее да се користи за друг наслов.
Печатење на ISMN на музичката публикација
ИСМН мора да биде отпечатен на видно место во публикацијата, на задната страна на партитурата или штимот. По можност ISMN се печати со податокот за авторско право. Доколку публикацијата се издава електронски ISMN мора да се појави на страната на екранот која го прикажува насловот или неговиот еквивалент.