Menu Close

За библиотекари

Обуки и стручна помош, стандарди и други документи за унапредување на вашата дејност

Одделот Матична дејност и развој на библиотекарството се грижи за унапредување и координација на работата на библиотеките на територијата на Република Македонија, следењето и имплементирањето на современите текови во библиотечната теорија и практика и континуираното образование на библиотечниот кадар.

Дејноста на одделот Матична дејност и развој на библиотекарството, што произлегува од матичната функција на Библиотеката дефинирана со Законот за библиотеки и Законот за заштита на културното наследство, ги опфаќа следните активности:

проучување на состојбата и условите за развој на библиотечната мрежа во Република Македонија, организацијата и унапредувањето на библиотечната дејност и давање стручни мислења и предлози
евиденција на библиотеките (собирање, обработка и посредување статистички и други податоци за нивната работа)
укажување потребна стручна помош на библиотеките и стручен надзор на нивното работење
континуирана обука и едукација на библиотекарите
проучување на искуствата на библиотеките од странство
проучување на библиотекарската литература (стандарди, прописи, упатства и сл.)
давање иницијативи за донесување на прописи и мерки за унапредување на библиотечната дејност и стручно усовршување на библиотечните кадри
давање мислење за исполнување на условите за отпочнување, односно престанок со работа на библиотеките
Работно време:
понеделник – петок од 8:00-16:00

Одговорни лица:
Јелисавета Костадинова, Јана Михајловска- Иванов
е-пошта: jelisaveta@nubsk.edu.mk, lektornub@gmail.com
тел: 3115 177 лок. 156

Една од значајните дејности на Библиотеката е континураното стручно образование и оспособување на библиотекарите од Република Македонија. Со организирање и одржување на повеќе разновидни курсеви, библиотекарите се стекнуваат со потребните стручни знаења од областа на библиотечното работење, како и со потребните знаења за активно учество во националниот библиотечно-информациски систем COBISS.MK.

Основни курсеви за библиотечно работење

За стекнување знаења за техничка, формална и содржинска обработка на библиотечниот материјал согласно меѓународно прифатените стандарди за обработка, негово чување и заштита, како и начините на кои може да се пребараат и да пронајдат информации во домашните и странските јавно достапни електронски каталози и бази на податоци, одделот Матична дејност и развој на библиотекарството ги организира следните основни курсеви за библиотечно работење:

  • Техничка обработка на библиотечен материјал (2 дена)
  • Каталогизација на монографски публикации (5 дена)
  • Каталогизација на сериски публикации (5 дена)
  • Каталогизација на некнижен материјал (стандарди ISBD(PM) и ISBD(NBM))(5 дена)
  • Систематизација и предметизација на библиотечниот материјал (5 дена)
  • Библиографска обработка на библиотечен материјал (5 дена)
  • Информациска дејност во библиотеките и бази на податоци (2 дена)

По завршување на секој курс се полага контролен испит. За положен испит се добива соодветен сертификат. Учеството за повеќето курсеви е „меѓусебно условено“ . Се одржуваат двапати годишно, во периодите пролет и есен.

За учество на курсевите е потребно да се пополни Пријава во која,покрај другите податоци, треба прецизно да се наведат сите курсеви за кои се пријавувате.

За учество на основните курсеви се плаќа котизација согласно Ценовникот.

Подетални информаци во врска со основните курсеви за библиотечно работење можете да добиете од одговорните лица во одделот Матична дејност.

Курсеви COBISS

Континуираната обука на корисниците на програмската поддршка COBISS е од суштинско значење за правилното функционирање и развојот на библиотечно-информацискиот систем COBISS.MK. За таа цел Центарот ВБМ секоја година организира обука на библиотекарите за користење на програмската поддршка COBISS, со избор на курсеви од програмата за обука на Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор, Словенија.

Курсевите ги водат лиценцирани предавачи од Центарот ВБМ и инструктори од ИЗУМ, Словенија. По одржувањето на одделен курс потврдa за учество добиваат оние учесници кои присуствувале и го ислушале курсот во целост. Потврдата е предуслов учесниците да бидат заведени во централниот регистар на корисници кој го води ИЗУМ и да им се доделат соодветни овластувања за работа во системот COBISS.

Програмата за обука за COBISS за тековната година можете да ја преземете тука. Во неа се подетално наведени планираните курсеви и термините на одржување, начинот на пријавување (преземи Пријава), условите кога може да се следи одреден курс COBISS, привилегиите што се стекнуваат со секој курс и др.

За учество на основните курсевите се плаќа котизација согласно Ценовникот.

Подетални информаци во врска со курсевите COBISS можете да добиете од одговорните лица во Центарот ВБМ.

Обука за заемна каталогизација

Оспособувањето на библиотекарите за работа во системот на заемна каталогизација COBISS.MK започнува со следење на курсевите од Основната обука за библиотечно работење организирана од одделот Матична дејност и развој на библиотекарството во НУБ, на кои се изучуват правилата за формална и содржинска обработка на библиотечниот материјал. Потоа, оспособувањето продолжува со следење на пропишаните курсеви COBISS на кои библиотекарите се запознаваат со начинот и правилата за користење на програмската поддршка COBISS и форматите COMARC.

1. Користење на програмската поддршка /Каталогизација – креирање записи

Курсот е еден од условите за стекнување лиценца. На овој курс библиотекарите се запознаваат со основните принципи на функционирање на системот на заемна каталогизација COBISS, како и со форматите COMARC/B и COMARC/A.

Услов за учество на курсот е знаење од подрачјето на обработка на библиотечниот материјал, што библиотекарот го докажува со:

  • диплома за завршени студии од областа на библиотекарството, или
  • потврда за успешно положени курсеви од Основната обука за библиотечно работење кои се услов за следење на почетниот курс COBISS.

Откако ќе го посети курсот, учесникот добива овластување за креирање на записи во тестната околина за заемна каталогизација и овластување за дополнување на ограничена група библиографски податоци во локалната база на податоци на неговата библиотека.

2. Стекнување лиценца за заемна каталогизација

Постапката за стекнување лиценца за заемна каталогизација се одвива во согласност со Правилникот за издавање дозволи за заемна каталогизација.

Кандидатот најпрво мора да го посети курсот Користење на програмската поддршка COBISS2/Каталогизација – почетен курс. Откако по посетување на курсот ќе добие корисничко име за креирање записи во тестната околина на заемната каталогизација, практично се оспособува за стекнување лиценца на тој начин што во тестната околина самостојно креира 30 библиографски записи.

Кандидатите кои ги немаат положено курсевите за систематизација и за предметизација на библиотечниот материјал од Обуката за библиотечно работење е потребно во периодот на водењето на постапката за стекнување лиценца за заемна каталогизација истите да ги положат.

За постапката за стекнување лиценца за заемна каталогизација можат да се пријават само библиотекари со високо образование.

По стекнување на лиценцата за заемна каталогизација библиотекарот добива овластувања за креирање библиографски записи за монографски публикации во заемната база на податоци и во локалната база на податоци на својата библиотека.

За стекнување лиценца за заемна каталогизација се плаќа соодветен надомест согласно со Ценовник.

Проверката на знаењето за заемна каталогизација се одвива неколку пати годишно, во термини што се одредени со Програмата за обука COBISS.

Виртуелна библиотека на Македонија е проект за поврзување на сите видови библиотеки од Република Македонија (национална, јавни, високообразовни, универзитетски, специјализирани, училишни) во единствен национален библиотечно-информациски систем. Овој систем се гради врз платформата и истоимената програмската поддршка COBISS (Cooperative Online Bibliographic System and Services), коишто ги развива Институтот за информациски науки – ИЗУМ од Словенија.

Проектот ВБМ започна во 2002 година, со поврзување на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола, библиотеката на Македонската академија на науките и уметностите и библиотеките на институтите од Природно-математичкиот факултет, кои дотогаш за автоматизација на библиотечните процеси, секој самостојно, ја користеа програмската поддршка COBISS. Но, како официјален датум се бележи 3 декември 2004 г. кога Библиотеката потпиша договор со ИЗУМ за имплементација на системот COBISS.MK во Македонија и го основа Центарот Виртуелна библиотека на Македонија (Центар ВБМ), кој ги извршува задачите на национален библиотечно-информациски сервис на овој систем.

Што е COBISS?

COBISS е организациски модел на поврзување на библиотеките во библиотечно-информациски систем со заемна каталогизација, заемна библиографско-каталошка база на податоци COBIB и локални бази на податоци на библиотеките учеснички, база на податоци за библиотеките COLIB, нормативна база на податоци CONOR, како и бројни други функции.

COBISS.SI, COBISS.SR, COBISS.MK, COBISS.BH, COBISS.CG и COBISS.BG се ознаки за автономните библиотечно-информациски системи кои се воспоставуваат во поодделни држави (Словенија, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија) со сопствени заемни бази на податоци COBIB. Посебен случај е COBISS.AL како библиографски систем за евалуација на резултатите од истражувачката дејност во Албанија со заемната база на податоци COBIB.AL за водење библиографии на истражувачи. Во рамките на наведените системи, во автоматизираното работење програмската поддршка COBISS денес ја користат преку 700 библиотеки.

Повеќе за платформата и програмската поддршка COBISS можете да прочитате тука.

Што е COBISS.Net?

COBISS.Net е назив на мрежата која меѓусебно ги поврзува автономните (национални) библиотечно-информациски системи COBISS на различните држави и нивните информациски системи за истражувачка дејност. Програмската поддршка COBISS технички го овозможува преземањето на записите од која било заемна база на податоци COBIB, од каталогот OCLC (WorldCat) и од другите бази на податоци. Спогодбата за воспоставување на мрежата COBISS.Net и слободниот проток на библиографските записи коишто се создаваат во автономните библиотечно-информaциски системи на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Словенија и Србија, беше потпишана во Белград во февруари 2003 година, а во ноември 2006 година спогодбата ја потпиша и националната библиотека на Бугарија.

Повеќе за мрежата COBISS.Net можете да прочитате тука.

За Центарот ВБМ

Центарот ВБМ е национален библиотечно-информациски сервис на системот COBISS.MK кој ги врши следните функции:

  • планирање и координирање на активностите за компјутерско поврзување на библиотеките во Република Македонија,
  • обезбедување и одржување на заедничките компјутерски и комуникациски капацитети за работа на системот и централните сервиси,
  • управување со заемната библиографско-каталошка база на податоци COBIB.MK,
  • обезбедување на програмската поддршка COBISS и корисничка документација за заемната каталогизација, локалното библиотечно работење и други сервиси за сите членки на COBISS.MK,
  • стручна помош на библиотеките при набавка, инсталирање и одржување на компјутерската опрема,
  • обука и стручна помош на библиотеките и другите корисници на програмската поддршка и сервис COBISS.МК,
  • утврдување на оспособеноста на стручните библиотечни работници за учество во заемната каталогизација,
  • стручна помош на библиотеките при конверзија и пренос на податоци од други системи.

Податоци за контакт

Помош на корисниците:

тел. +389 2 3230 151, лок. 200 (од понеделник до петок од 8.00 до 16.00 ч.)
моб. +389 75 378 031 (од понеделник до петок од 16.00 до 19.00 ч. и во сабота од 9.00 – 13.00 ч.)

ИТ-поддршка:

тел. +389 2 3230 151, лок. 201 (од понеделник до петок од 8.00 до 16.00 ч.)
моб. +389 75 378 033 (од понеделник до петок од 16.00 до 19.00 ч. и во сабота од 9.00 – 13.00 ч.)
е-пошта: vbmkservis@nubsk.edu.mk

Раководител:

м-р Жаклина Ѓалевска
тел. +389 2 3230 151, лок. 208
е-пошта: zaklina@nubsk.edu.mk

This site is registered on wpml.org as a development site.